Јохевед Лифшиц (85), една од двете вчера ослободени Израелки од Појасот Газа, изјавила дека членовите на палестинската група Хамас добро се однесувале со неа.
Зборувајќи со новинарите во вторникот, Лифшиц рече дека Хамас ѝ обезбедил лекар кој го следел нејзиното здравје и работи на обезбедување лекови.
Таа додаде дека членовите на Хамас се грижеле за нејзините потреби.
„Јадевме леб, бело сирење и краставици исто како нив. Ни рекоа дека веруваат во Куранот и дека нема да ни наштетат“, рече таа.
На прашањето зошто се ракувала со еден од членовите на Хамас по нивното ослободување, таа одговорила дека тие „добро се однесувале со нив“ и „се грижеле за сите нивни потреби“.
Военото крило на Хамас, „Бригадите Ал-Касам“ во понеделникот објави дека ослободиле две постари Израелки во блокираниот Појас Газа од хуманитарни причини.
Абу Обеида, портпарол на Ал-Касам, на Телеграм објави дека ослободувањето на Лифшиц и Нурит Купер (79) следело по посредништвото на Катар и Египет.
Тој рече дека Израел претходно одбил да ги прими.
„Одлучивме да ги ослободиме поради тешки хуманитарни и медицински причини, и покрај тоа што окупацијата изврши повеќе од осум прекршувања на процедурите договорени со посредниците во текот на денот за да се заврши процесот на предавање“, додаде тој.
Израелската влада не го коментираше второто ослободување на затвореници од почетокот на конфликтот на 7 октомври.
Хамас претходно ослободи две американски државјанки.
Бригадите Ал Касам во претходна изјава рекоа дека држат во заробеништво околу 2250 луѓе, вклучувајќи израелски војници и цивили.