Израелската армија уби уште 10 Палестинци во нападите низ Газа / Photo: AA

Израелската армија денес уби најмалку уште 10 Палестинци во напади низ Појасот Газа.

Медицински извор изјави за Анадолу дека четворица Палестинци се убиени во израелски воздушен напад врз населбата Шеик Радван во северниот дел на градот Газа.

Очевидци изјавија дека израелските воени авиони го нападнале домот на семејството Баракат во населбата Шеик Радван.

Во втор напад во градот, жена и едно дете се убиени кога израелско беспилотно летало погодил дом во кој биле засолнети раселени Палестинци во близина на Големата џамија Омари, според медицински извор од Баптистичката болница „Ал-Ахли“.

Двајца браќа, исто така, се убиени во израелски воздушен напад врз северниот дел на Појасот Газа, кој се соочува со израелска разорна кампања повеќе од три месеци.

Израелската армија продолжува да бомбардира и уништува куќи и згради во северните области на Газа, вклучувајќи ги Џабалија, Беит Лахија и Беит Ханун.

Во јужниот дел на Појасот Газа, пак, медицински извор потврди дека убиени биле двајца Палестинци, додека израелската армија извела напади врз земјоделско подрачје во северниот дел на градот Рафа.

Израелската морнарица ги гаѓаше и западните области на Рафа каде раселените Палестинци живеат во шатори, но нема информации за повредени.

Израелската армија ја продолжи геноцидната војна врз Газа во која се убиени повеќе од 45.800 Палестинци, главно жени и деца, по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.

Во ноември 2024 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во Газа.

AA
Популарни