Со новите апсења, израелските сили уапсија повеќе од 14.300 Палестинци на Западниот Брег од октомври 2023 година / Photo: AA

Уште најмалку 30 Палестинци се приведени во рации на израелската армија на окупираниот Западен Брег.

Едно дете и поранешни затвореници се меѓу приведените во рациите во Источен Ерусалим, Хеброн, Тубас, Тулкарем, Калкилија, Наблус и Рамалах, се вели во заедничката изјава на Комисијата на затворениците и на Здружението на палестински затвореници.

Тие изјавија дека израелската војска испрашувала десетици Палестинци на терен во неколку градови и бегалски кампови на Западниот Брег.

На 21 јануари израелската армија започна напад врз Џенин и тамошниот бегалски камп. Нападот подоцна се прошири и во градот Тулкарем, каде што беа кренати во воздух десетици палестински домови. Илјадници луѓе останаа без покрив над главата.

Нападите на израелската армија во неделата се проширија на градот Тамун и бегалскиот камп Ал-Фара во Тубас, на северниот дел на Западниот Брег.

Со новите апсења, израелските сили уапсија повеќе од 14.300 Палестинци на Западниот Брег од октомври 2023 година.

Дел од оваа статистика не ги опфаќа уапсените од Појасот Газа, од кои, според проценките, има илјадници.

Палестинските групи за човекови права проценуваат дека повеќе од 10.000 Палестинци се затворени во израелските затвори. Меѓу нив има 3.379 Палестинци кои се држат во таканаречен административен притвор без обвинение или судење.

Во изминатите неколку години, израелските сили спроведуваат секојдневни рации на Западниот Брег. Акциите ескалираа по почетокот на нападот врз Газа на 7 октомври. Палестинското население трпи и напади од илегални еврејски доселеници.

Оттогаш, според Министерството за здравство, во нападите на израелската армија на окупираните територии се убиени 905 Палестинци, а повеќе од 7.000 се повредени.

TRT Balkan / агенции
Популарни