Најмалку пет Палестинци загинаа во напад на израелската војска со беспилотно летало врз бегалскиот камп Тулкерим на окупираниот Западен Брег.
Локалните извори објавија дека израелската војска вчера започнала рации во бегалскиот камп Тулкерим.
Кампот е ставен под опсада, израелските војници ги претресувале куќите на Палестинците, а оклопни возила се распоредени на влезовите на болниците и здравствените домови во регионот.
Бомбардирани се локации во бегалскиот камп Тулкерим со беспилотно летало.
Палестинското Министерство за здравство објави дека во нападот животот го загубиле најмалку 5 лица.
Во соопштението се наведува дека четири од загинатите лица биле на возраст од 17 до 22 години и едно лице на 35-годишна возраст.
Бројката на убиени Палестинци во израелските напади и нападите на илегалните еврејски доселеници на окупираниот Западен Брег од 7 октомври досега се зголеми на 360.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 24.448 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 61.504 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.