Израелската армија денеска уби уште седум Палестинци на окупираниот Западен Брег, со што бројот на загинатите на таа територија се зголеми на 170 од 7. октомври и почетокот на жестоките израелски напади врз блокираниот Појас Газа.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека 51-годишен маж бил застрелан во градот Беит Фаџар, јужно од Витлеем, а 30-годишен маж бил застрелан во градот Дура, јужно од Хеброн.
Истовремено, Министерството во посебно соопштение наведува дека пет Палестинци биле убиени, а шестмина ранети од израелските сили во бегалскиот камп Џенин.
Локалните извори јавуваат дека израелските сили извршиле воени рации и напади врз бегалските кампови Џенин и Ал-Амари.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека медицински персонал бил повреден кога израелските сили пукале врз амбулантно возило во Џенин.
Тензиите на Западниот Брег се зголемуваат од 7 октомври поради жестоките напади на Израел врз Појасот Газа.
Најмалку 170 Палестинци се убиени, а повеќе од 2.300 други се уапсени од израелската армија на окупираниот Западен Брег.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас пред еден месец.
Најмалку 10.569 Палестинци, меѓу кои 4.324 деца и 2.823 жени, се убиени во израелските напади врз Газа.
На израелска страна загинаа речиси 1.600 луѓе.