Граничната агенција на Европската унија прикривала нелегални истуркувања на бегалци и мигранти од страна на грчката крајбрежна стража

Граничната агенција на Европската унија прикривала нелегални истуркувања на бегалци и мигранти од страна на грчката крајбрежна стража во турските територијални води, открива извештајот на канцеларијата за борба против измами на ЕУ.

Според извештајот на ОЛАФ, Европската канцеларија за борба против измами, кој беше објавен во четвртокот на веб-страниците посветени за слободен пристап до информации со седиште во Германија, FragDenStaat, потоа Шпигел (Der Spiegel) и Lighthouse Reports, Фронтекс ги прикривал случаите на можни прекршувања на човековите права од страна на своите офицери, суспендирал воздушен надзор за да се избегне снимање нелегални активности, кофинансирал грчки единици кои извршиле истуркувања на мигранти и ги довел во заблуда властите одговорни за надзор на агенцијата.

Врвните менаџери на Фронтекс направиле „сериозно недолично однесување и други неправилности“ при прикривањето на инцидентите со истуркување, не истражувајќи ги или неправилно постапувајќи со нив, се наведува во извештајот во кој имињата биле редактирани.

„Со тоа, тие го попречија капацитетот на Фронтекс целосно да се усогласи со своите одговорности, имено да обезбеди заштита и унапредување на основните права“, се вели во извештајот.

Авион на Фронтекс одлета кога Грција загрози брод

Извештајот се чуваше во тајност осум месеци додека не беше обелоденет до германските медиуми, соопшти FragDenStaat.

Грчките власти тврдат дека не го прочитале извештајот, а европскиот комесар Маргаритис Схинас од Грција, чие портфолио ја вклучува миграцијата, одби да коментира дали самиот бил информиран за наводите.

Бранителите на човековите права, сепак, ја повикуваат ЕУ официјално да го објави извештајот за да им се овозможи на жртвите на потиснувањето да ги користат наодите во судските случаи.

„Прашањето во наредните години ќе биде дали парите на даночните обврзници ќе продолжат да се користат за да се помогне во кршењето на законот на границите на ЕУ - или дали Фронтекс ќе биде принуден да се усогласи со европското право. Шенгенските држави, кои го контролираат Фронтекс преку Управниот одбор , очигледно имаат мал интерес за таква усогласеност“, се вели во извештајот што го пренесува Der Spiegel.

На 5 август 2020 година, член на Фронтекс ја пријавил својата загриженост во е-пошта откако авион на Фронтекс бил сведок како грчките власти принудувале мал брод со бегалци да се врати назад во турските води.

„Влечењето на пренатрупан кревок брод во текот на ноќта кон отворено море е ситуација која може сериозно да ги загрози животите на патниците“, се вели во мејлот. „Нашето летало веднаш доби инструкции да одлета од местото на настанот од страна на експертот на грчката крајбрежна стража“.

Се бара распуштање на Фронтекс

Во последниве години, Фронтекс беше на удар на критики поради наводното малтретирање на бегалците и мигрантите, честопати загрозувајќи ги нивните животи.

Туркије и глобалните групи за права во неколку наврати ја осудија нелегалната практика на Грција на туркање баратели на азил, велејќи дека тоа ги крши хуманитарните вредности и меѓународното право со загрозување на животите на ранливите луѓе, вклучително и жени и деца.

Претходно оваа година, шефот на Фронтекс Фабрис Легери поднесе оставка поради скандалот. Грција во јануари му додели на Легери државна награда, заблагодарувајќи му се што и помогна на земјата да ја намали стапката на дојдовни мигранти.

Групите за човекови права, исто така, документираа други прекршувања на човековите права на границите на ЕУ каде што работи Фронтекс.

„Фронтекс постојано не успева да преземе ефективни дејствија кога ќе се објават наводи за кршење на човековите права“, рече Ева Косе, истражувач за Западна Европа во Хјуман рајтс воч.

Минатата недела, Фронт-ЛЕКС, невладина организација која ги оспорува миграциските политики на ЕУ, поднесе случај до Судот на правдата на ЕУ во Луксембург, барајќи итно прекинување на операциите на Фронтекс во Грција врз основа на наодите од извештајот на ОЛАФ.

„Се додека е таму Фронтекс, грчката влада има карт бланш да продолжи да ги фрла мигрантите во вода за да се удават“, изјавија за Асошиејтед прес адвокатите на Фронт-ЛЕКС, Омер Шац и Ифтах Коен.

TRT Balkan / агенции
Популарни