Новинарката Хинд Кудари присуствуваше на прес-конференција во петокот вечерта во болницата Ал Шифа, најголемата медицинска установа во Газа, кога дозна дека нејзиниот мобилен телефон нема пристап до интернет.
Прво помисли дека проблемот е поврзан со просториите на болницата, особено зашто израелските власти само неколку часа претходно посочија дека големиот медицински комплекс служи како база за палестинската група Хамас.
Сепак, набрзо стана јасно дека дошло до целосен прекин на комуникациите низ Појасот Газа, додека израелските воздушни напади продолжиле во текот на ноќта.
Кудари, како и милиони Палестинци во опколената енклава, се исплаши од најлошото бидејќи беа целосно отсечени од своите најблиски.
„Бев преплашена бидејќи не знаев ништо за моето семејство. Сè што можев да слушнам беа непрекинати експлозии, а не можевме ниту да кажеме каде се случува“, рече Кудари, која известува за Анадолу од почетокот на конфликтот.
Како што одминуваше ноќта, во Газа одекнуваа болни звуци на постојани експлозии. Небото над Газа беше портокалово поради постојаните експлозии кои го потресоа целиот регион.
Прекинот на комуникациите отсече повеќе од два милиони луѓе од остатокот од светот.
Kудари, активна корисничка на платформите X и Инстаграм каде што ја следат стотици илјади луѓе, немаше начин да му каже на светот низ што минуваат милиони жители на Газа, што го правеше секој ден со голема храброст и професионалност.
Технологијата, сепак, понуди излез бидејќи Kудари доби еСИМ картичка од нејзината пријателка, египетската писателка и активистка Мирна Ел Хелбави.
eСИМ-картичката им овозможува на корисниците да активираат мобилни мрежи без да користат физичка СИМ-картичка.
Интернет-услугите беа обновени во Газа речиси 48 часа подоцна, но остануваат несигурни.
Kудари рече дека врските постојано се прекинуваат, поради што таа се потпира на нејзината eСИМ картичка.
„eСИМ се покажаа како многу важни во поврзувањето на Палестинците со светот“, истакна новинарката.
Иницијатива „луѓе на луѓе“
Мирна и нејзината сестра Јара Ел Хелбави беа меѓу активистите ширум светот кои бараа начини да им помогнат на Палестинците во Газа.
Како и многу други, тие првично се залагаа да се побара од Илон Маск, милијардерот сопственик на Платформа Х, порано Твитер, да обезбеди сателитска услуга Старлинк на Газа.
Бидејќи овие повици останаа неодговорени и како што минуваше времето, тие почнаа да бараат други опции.
Сестрите Хелбави тогаш помислиле на роаминг услуги.
Тие започнаа со две eСИМ-картички купени во Европа и испратени до луѓе што ги познаваа во Газа.
„Откако потврдивме дека работи, почнавме да се јавуваме за да видиме дали некој друг би сакал да ги поврзе луѓето“, изјави Јара за Анадолу.
За само 48 часа, сестрите добиле повеќе од 2.000 eСИМ-картички, а досега ги добиле повеќе од 1.000 луѓе во Газа.
Првичниот приоритет беа новинарите и медицинскиот персонал, но сега тие ги даваат на сите.
„Ова е целосно народна иницијатива. Тоа е од луѓе до луѓе и на некој начин ни ја врати вербата во хуманоста“, изјави Јара.
Таа посочи дека најмалку што може да имаат жителите на Газа, кои се лишени од најосновните хуманитарни потреби, е алатка да му покажат на светот што им се случува.
Јара смета дека она што сега се случува во Газа е „еден вид геноцид“ со намера „да се истреби одредена територија, народ“ и дека со тоа што ќе го објават всушност имаат можност да „документираат што се случило“.
„Триесет години од сега, луѓето ќе сакаат да знаат што се случило. Ова е дел од историјата што моментално ја живееме и секој има право да ја документира. Без телекомуникации, нема да можеме да го направиме тоа“, рече Јара.
Наоѓање решение
Башар Шахин, јордански маркетинг менаџер кој живее во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, води слична кампања за обезбедување eСИМ-картички за Палестинците.
„Почнав со една личност во Појасот Газа. Му испратив еСИМ, а тој им ги подели на колегите и новинарите. И кругот стана поголем“, изјави тој за Анадолу.
Првата eСИМ што ја добил ја донирала тинејџерка, а ја испратил на еден од новинарите во Газа.
Шахин рече дека досега добиле илјадници eСИМ и сега работат со четири лица за да ги дистрибуираат.
Според него, главниот проблем е што повеќето eСИМ-картички работат само на специјализирани или понови уреди како што се Ајфон 10 и 11 или нови телефони со Андроид.
Исто така, додаде тој, не секој што ја добил знае како да активира eСИМ.
Тој рече дека на почетокот добивале еСИМ со неделен пакет, но сега сѐ повеќе праќаат со месечен пакет, во кој корисникот добива 30 ГБ интернет на располагање за еден месец.
Хелбави и Шахин рекоа дека не прифаќаат парични донации.
Шахин рече дека луѓето кои добиле eСИМ сега „знаат дека имаат опција“ дури и ако интернетот е исклучен.
„Сега Палестинците знаат дека имаат луѓе надвор од Газа кои ќе направат сѐ за да им помогнат. Тие ќе создадат начини. Тие ќе создадат решенија за решавање на овие проблеми“, нагласи Шахин.