Бројот на кибер напади неколкукратно е зголемен во земјите од Западен Балкан / Фото: Reuters

Кибер криминалот се повеќе станува дел од организираниот криминал наспроти застарените стереотипи дека се врши од поединци самотници. Според податоците на Европол кибер криминалот станува се посериозна закана врз граѓаните, компаниите и институциите во Европа.

Најзастрашувачки последици има со организирани групи за сајбер криминал кои работат координирано. Притоа се врши кражба на податоци на корисници, се бара откуп на податоците преку уцена, се преземаат компјутерски системи преку пласирање штетен софтвер (малвер) и истата мрежа се користи за злонамерни цели.

Во извештајот на Интерпол за 2023 година се посочуваат промени во дел од тактиките на криминалците. По пандемијата со Ковид-19 сега во фокус е војната во Украина, и се бележи раст на хакерските ДДоС напади од руски хакерски групи врз институциите и организации од земји кои даваат поддршка за Украина.

Исто така се искористува и наративот за бегалците од Украина за креирање лажни страни за донации, и т.н. фишинг напади преку е-мејл пораки преку кои се крадат лични податоци, но и парични средства.

Во однос на борбата со онлајн сексуалната експлоатација на деца и натаму најголем проблем се сервисите за маскирање на активностите како виртуелните приватни мрежи (ВПН) и целосна енкрипција на каналите (Е2ЕЕ). Тука проблем се и т.н. супер провајдери кои овозможуваат изнајмување простор на сервери на кои се прикачуваат експлицитни содржини и не се врши контрола на корисниците.

Ваквите сервиси често одбиваат и соработка со истражните органи, па една од тактиките на Интерпол е нивно затворање и покренување масовни операции против вклучените лица кои се глобално поврзани и раширени и потпаѓаат под различни национални законодавства.

Не е поштеден ниту Западен Балкан

Бројот на кибер напади во земјите од Западен Балкан е значително зголемен во последните три години, и зачестуваат нападите врз електронската инфраструктура на државните институции.

Според Комисијата за проширување на ЕУ регионот на Западен Балкан постигнал напредок во усогласување на регулативата и стратегиите за кибер безбеднст според европската рамка. Сепак, и натаму главни недостатоци се имплементација на плановите и оперативни недоследности.

Треба да се работи на подобро финансирање и работење на Тимовите за одоговор на компјутерски инциденти (ЦИРТ), подигнување на капацитетите на органите на прогонот и истрагата, поголема едукација и соработка со приватниот сектор, посочуваат од Комисијата.

TRT Balkan
Популарни