Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави денес дека односите со Русија се прв приоритет за неговата земја.
На средбата со рускиот претседател Владимир Путин на космодромот Восточни во регионот Амур на Далечниот Исток, севернокорејскиот лидер му се заблагодари на својот руски колега за топлото добредојде и ја пофали улогата и достигнувањата на Русија во истражувањето на вселената.
Ким рече дека руско-севернокорејското пријателство има „длабоки корени“ и дека Советскиот Сојуз одиграл „многу важна улога во ослободувањето на земјата“, соопшти Кремљ.
„И сега односите со Руската Федерација се прв приоритет за нашата земја. Сигурен сум дека нашата заедничка средба ќе биде уште еден момент за подигање на нашите односи на ново ниво“, рече Ким.
Тој истакна дека Русија води „света борба“ за одбрана на својот државен суверенитет и безбедност од хегемонистичките сили.
„Ние секогаш ги поддржувавме и продолжуваме да ги поддржуваме сите одлуки на претседателот Путин, како и одлуките на руската Влада. Исто така, се надевам дека секогаш ќе бидеме заедно во борбата против империјализмот и за изградба на суверена држава“, изјави севернокорејскиот лидер.
Рускиот претседател истакна дека средбата се одржува во годината кога двата народи ја слават 75-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи.
„Се разбира, треба да разговараме и за економската соработка и хуманитарните прашања“, рече Путин.
Путин и Ким потоа посетија неколку објекти на космодромот и новата инфраструктура.
Восточни е првиот руски цивилен космодром. Се наоѓа во регионот Амур во близина на градот Циолковски.
Изградбата започна во 2012 година, а првото лансирање од Восточни беше извршено во 2016 година.