За прв пат во последниве 20 години е забележано глобално намалување на бројот на жртви на трговија со луѓе за време на неодамнешната пандемија поради ограничувањата на Ковид-19, се вели во извештајот на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC).
„Ограничувањата на движењето и деловните операции поврзани со пандемијата можеби барем привремено ги намалија некои форми на трговија со луѓе, вклучително и трговијата со луѓе со цел сексуална експлоатација и прекугранична трговија, се вели во Глобалниот извештај за трговија со луѓе 2022 година.
Се додава дека намалувањето на бројот на жртви за 11 отсто во голема мера е забележано во земјите со низок и среден приход, каде што правдата, социјалните и здравствените системи се мачеа да се справат со пандемијата.
Највисокото намалување е забележано во источна Азија и Пацификот со 59%, а потоа следат северна Африка и Блискиот Исток (40%) и Централна Америка и Карибите (36%).
Според извештајот, најмногу жртви на трговијата со луѓе биле жени- 42%, додека 23% биле мажи и 35% деца.
Жртвите се потпираат на „самоспасување“
Повеќето жртви се самоспасувани (41%), се вели во извештајот, додавајќи дека успеале да побегнат и самоиницијативно да стигнат до властите бидејќи одговорите против трговијата со луѓе не успеваат.
Само 28% од жртвите биле спасени од институциите за спроведување на законот, 11% од заедницата или непознати лица, 10% со првични активности од семејството на жртвата, 9% од други институции или граѓанско општество, а 1% биле спасени со други акции.
„Ова претставува алармантен резултат имајќи предвид дека многу жртви на трговија со луѓе можеби не се идентификуваат како жртви“, се нагласува во извештајот.