Кремљ денеска соопшти дека Русија го смета потенцијалното членство на Украина во НАТО за закана.
„Таквата одлука е, се разбира, потенцијално неприфатлива за нас, бидејќи е настан кој претставува закана“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во Москва.
Велејќи дека идејата за пристапување на Украина во НАТО е во апсолутен контраст со тезата на Русија за неделивост на безбедноста, Песков тврди дека безбедноста на една земја не може да се обезбеди на сметка на безбедноста на друга.
Оваа можност не ја елиминира основната причина за она што сега се случува во Украина, додаде тој.
Претходно, украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека нема да прифатат никакви алтернативи или замени за полноправно членство на Киев во НАТО, тврдејќи дека тоа е единствената вистинска безбедносна гаранција за земјата.
Изјавата дојде додека украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, се упати во Брисел за да учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, кој започнува денеска.
Русија ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година, пред повеќе од 1.000 дена, делумно врз основа на тврдењето дека Киев е блиску до влез во НАТО. Во тоа време не беше, и иако членството сега е поблиску, тоа останува далечна перспектива, особено се додека војната продолжува.
Путин е отворен за дијалог со Шолц
На забелешките на германскиот канцелар Олаф Шолц за поддршка на Украина при посетата на Киев вчера, Песков рече дека рускиот претседател Владимир Путин е отворен за дијалог со Шолц.
„Се разбира, има смисла да се продолжат контактите, секогаш има смисла да се обноват. Претседателот постојано вели дека останува отворен за дијалог во однос на постигнувањето на нашите цели“, нагласи Песков.
Тој понатаму рече дека Европа сè уште ја следи својата деструктивна линија за продолжување на војната во Украина и дека Москва ќе продолжи да се обидува да ги постигне своите цели како дел од тековниот конфликт.
Тој, исто така, ја обвини актуелната американска администрација под претседателот во заминување Џо Бајден дека следи своја конзистентна линија за да не дозволи војната во Украина да се забави, како и дека прави се што е можно за да продолжи да додава масло на огнот.