Кристерсон: Шведската Влада ги сфаќа сериозно барањата на Туркије / Photo: AA

Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека Шведска, откако ѝ е отворен патот за членство во НАТО, сака да ѝ порача на Туркије да знае оти Стокхолм сериозно ги сфаќа нејзините грижи и дека ќе преземе чекори за нивно решавање.

„Шведската Влада сериозно ги сфати барањата на Туркије и ја покажа својата волја да ги исполни“, изјави Кристерсон за шведската јавна телевизија „СВТ“.

„Важно е Туркије да биде убедена и сигурна во тоа што го кажавме и што направивме“, додаде тој, осврнувајќи се на договорот постигнат во понеделникот.

„Туркије се согласи да го прати Протоколот за пристап на Шведска во НАТО до нејзиниот Парламент по трилатералниот состанок“, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, на прес-конференцијата вчера во Вилнус, Литванија, каде што 31 лидер на воената Алијанса се собраа на дводневен Самит.

Во заедничката изјава по состанокот Шведска повтори дека нема да ги поддржи терористичките организации ЈПГ/ПКК или ФЕТО, организацијата што стои зад неуспешниот пуч во Туркије во 2016 година.

Столтенберг, исто така, нагласи дека соработката на Шведска со Туркије во борбата против тероризмот ќе продолжи и по нејзиниот пристап бидејќи двете земји се согласиле да воспостават нов билатерален безбедносен договор, вклучително и нов специјален координатор за борба против тероризмот за „засилување на нејзината работа во оваа област“.

Шведска и Финска решија да бараат членство во НАТО откако Русија ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година.

Додека Финска стана членка во април оваа година, Туркије изјави дека Шведска ќе треба да ги реши своите безбедносни грижи - особено во врска со тероризмот - пред да добие „зелено светло“.

Новите членки на НАТО мора да добијат едногласна согласност од сите сегашни членки. Туркије е членка на НАТО повеќе од 70 години и може да се пофали со својата втора по големина армија.

TRT Balkan / агенции
Популарни