Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера изјави дека на влезот на Киев во Европската Унија и НАТО не треба да се гледа како на „милосрдие“ или „отплата“, туку како на нешто што е во најдобар интерес за европската заедница.
„Членството на Украина во ЕУ и НАТО ќе гарантира долгорочен мир и стабилност. Од друга страна, додавањето на повеќе двосмислености би било неверојатно непромислено. Примената на половични решенија, како држењето на Украина во заднина или во чекална, би резултирало со нова руска агресија, што не е во најдобриот интерес на Европа“, рече Кулеба на самитот Оксфорд - Украина во Велика Британија.
Кулеба истакна дека не е потребно да се зема предвид она што Русија го вели, бидејќи претседателот Владимир Путин е готов и ги положил сите карти на масата. Министерот Кулеба напомена дека Украина мора да триумфира за да се обезбеди дека Москва нема да биде наградена за она што го стори.
Украинскиот министер нагласи дека безбедноста на неговата земја и на поширока Европа е неделива, тврдејќи дека репутацијата, кредибилитетот и влијанието на НАТО и ЕУ би достигнале најниско ниво на сите времиња доколку Киев изгубеше уште во првите денови од војната.
Кулеба тврди дека охрабрената Москва бара нови цели.
„Молдавија, Балкан, средна Европа и балтичките земји. Путин немаше намера да запре во Украина, Значи, јасно е колку е суштински поврзана безбедноста на Украина со европската“, посочи Кулеба.
Тој додаде дека украинските партнери стануваат сѐ посвесни за тоа, што може да се види во нивната воена поддршка, која беше незамислива пред нешто повеќе од една година.
„Многу нешта се ветени, но тоа мора да пристигне што поскоро за Украина да добие одлучувачка предност. Не би требало да биде табу во поглед на обезбедувањето на какви било видови оружје за Украина. Сѐ, вклучувајќи и борбената авијација, мора да ѝ бидат доставени на Украина“, додаде украинскиот министер за надворешни работи.
Ден претходно, Кулеба изјави дека не очекува Киев да добие борбени авиони во скоро време поради логистичките и технички потешкотии.
Откако во јануари е обезбедена испорака на борбени тенкови, украинскиот претседател Владимир Зеленски побара од Запад борбени авиони за одбрана од руските напади, што засега службено го отфрлија САД и Германија.