Претседателот на Големото национално собрание на Република Туркије, Нуман Куртулмуш, го поздрави позитивниот пристап во преговорите за единство меѓу палестинските групи и изјави дека израелскиот ционистички режим ги убива сите и не прави разлика меѓу Палестинците затоа што сите нив ги гледа како свои непријатели и додаде дека Палестинците немаат причина да се делат и разидуваат.
Куртулмуш во Анкара се состана со претседателот на Палестинскиот национален совет Рухи Фетух. Нагласувајќи дека Туркије се обидува да покаже солидарност со палестинскиот народ во секоја прилика и на сите платформи, Куртулмуш рече дека Анкара е целосно на страната на палестинската кауза со сите нејзини институции и организации, нејзината влада, нејзиниот парламент и целата нација.
„Во наредниот период, од се срце верувам дека Палестина ќе биде ослободена и дека ќе се формира целосно суверена, територијално интегрирана палестинска држава во границите од 1967 година и со Ерусалим како главен град“, рече Куртулмуш.
Потенцирајќи дека израелската агресија и нечовечкото варварство на ционистите достигнаа неподнослива точка во светската јавност, Куртулмуш рече дека секој ден расте бројот на земји кои ја поддржуваат Палестина.
„Во моментов 149 земји официјално ја признаваат државата Палестина. Се надеваме дека значителен број од нив многу повеќе ќе ја поддржат Палестина со отворање на своите амбасади во Палестина. Вчера бевме во Женева кога израелскиот спикер излезе на говорницата на Генералното собрание на Интерпарламентарната унија, кога речиси целата сала протестираше и ја напушти салата. Итната точка на дневниот ред заеднички поднесена од Палестина и Алжир за жал не беше доволно подготвена и не беше изгласана. Ова дополнително ни ја покажува потребата од подобра соработка меѓу земјите кои ја поддржуваат Палестина“, рече Куртулмуш.
Куртулмуш рече дека во наредниот период треба да се работи на три точки, а првично на изолација на израелската влада и ционистичкиот режим на меѓународната сцена.
Тој додаде дека е неопходно да се обезбеди обединување на исламскиот свет и давање силна поддршка на Палестина, а потоа да се зајакне хуманитарниот фронт за Палестина.
Палестина ќе победи
Куртулмуш изјави дека на состаноците одржани на Генералното собрание во Женева, многу земји од Латинска Америка и Африка, освен исламскиот свет, сесрдно ја поддржуваат Палестина и застанале на страната на палестинската кауза.
„За жал, Нетанјаху и неговата банда создадоа огромен пожар на Блискиот Исток со неограничената поддршка што ја добија од САД и некои западни земји. Се надевам дека Нетанјаху и неговата банда ќе паднат во оваа огнена јама“, рече Куртулмуш.
Шефот на турскиот парламент Куртулмуш го поздрави напредокот во разговорите за помирување меѓу палестинските групи на отпорот.
„Исклучително ни е драго што позитивните пристапи се зголемуваат во разговорите за единство меѓу палестинските групи. Затоа што ционистичкиот режим убива и не прави разлика меѓу Палестинците. Тој ги гледа сите Палестинци, без разлика на која група припаѓаат, како свои непријатели. Дури и не ги гледа како човечки суштества“, рече Куртулмуш.
Тој исто така потсети дека Израел најави дека нема да запре додека не ја преземат контролата врз целиот регион од Нил до Еуфрат.
„Тие угнетуваат. Меѓутоа, како што се зголемува нивната суровост, се зголемува и нивниот страв, како што се зголемува нивниот страв, се намалува нивната разумност, а како што се намалува нивната разумност, тие ги свртуваат сите здрави луѓе против себе. На крајот, Палестина ќе ја добие оваа борба, не се сомневаме во тоа“, рече Куртулмуш.
Важна поддршка од Туркије
Претседателот на Палестинскиот национален совет, Фетух, се заблагодари на Република Туркије и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган за нивниот храбар став во овие тешки денови за палестинскиот народ.
Наведувајќи дека сите Турци, политичари, институции и организации застанаа на страна на Палестинците за време на израелските напади и дадоа голема материјална и морална поддршка во овој процес, Фетух рече и дека вчерашната Конференција за иднината на Палестина му дала поддршка на палестинскиот народ.
Фатух рече дека слободата за Палестина ќе дојде многу брзо и ќе се формира палестинска држава со Ерусалим како главен град.
Наведувајќи дека последната средба на палестинските групи одржана во Каиро била најпродуктивна досега, Фатух рече дека сакаат двете најголеми политички групи во Палестина-Фатах и Хамас да се обединат и да формираат национална влада.
На средбата учествуваа и претседателот на Турско-палестинската меѓупарламентарна група за пријателство, Хасан Туран и палестинскиот амбасадор во Анкара, Фаед Мустафа.