Од Сараево сакам да потсетам дека најголемите масакри и геноциди од модерната ера се случија во Аушвиц, Сребреница и Газа, рече Куртулмуш / Photo: AA

Претседателот на Големото национално собрание на Република Туркије, Нуман Куртулмуш денеска во Сараево изјави дека задача на целото човештво е да повика и да воспостави прекин на огнот во блокираниот палестински Појас Газа, кој веќе 28 дена е изложен на жестоки израелски напади.

Куртулмуш е во дводневна посета на Сараево, при што денеска се сретна со раководството на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина.

Нагласувајќи дека станува збор за исклучително корисна и конструктивна средба на парламентарните делегации на двете земји, Куртулмуш рече дека Турција и БиХ не се само земји кои имаат добри односи поради географската близина, туку и две земји кои имаат длабоки историски и културни врски и искрено пријателство меѓу нивните народи.

„Сакам да кажам дека се согласуваме во наредниот период уште посериозно да го продолжиме патот на зајакнување на нашите односи и врски на сите полиња. Сакаме што поскоро да се реализираат сите наши заеднички проекти, пред се автопатот Белград-Сараево и веруваме дека тоа ќе биде од корист за безбедноста и стабилноста на регионот. Се согласуваме и имаме намера дополнително да ги зајакнеме нашите врски и соработка на сите полиња, вклучувајќи ги инвестициите, трговијата, туризмот и културата“, рече Куртулмуш.

Поддршка на суверенитетот и интегритетот на БиХ

Куртулмуш истакна дека Туркије го поддржува територијалниот интегритет, неделивоста и суверенитет на Босна и Херцеговина.

Тој додаде дека во овој контекст, Туркије ја поддржува определбата на властите на Босна и Херцеговина, кои се залагаат за зачувување на суверенитетот и дека ги поддржува напорите да се спречи каква било закана за безбедноста, стабилноста и статусот на БиХ како земја, што резултира од Дејтонскиот мировен договор.

„Во екот на многу кризи и конфликти во регионот, кој ги вклучува Балканот, Црното Море, Кавказ, Блискиот Исток, па дури и Јужна Африка, нагласивме дека не сакаме нови тензии во балканскиот регион и дека тие нама да им донесат ништо добро на нашите народи“, рече Куртулмуш.

Во однос на братските врски меѓу Турција и БиХ, Куртулмуш рече дека со нетрпение го очекува формирањето на Група на турско-босанскохерцеговско пријателство во собранието на БиХ, по моделот на онаа што веќе постои во турскиот парламент.

Во Газа се случува геноцид

Осврнувајќи се и на израелските напади врз блокираниот палестински Појас Газа, Куртулмуш рече дека од Сараево сака да го потсети човештвото дека најголемите човечки трагедии, масакри и геноциди од модерната ера се случија во Аушвиц, Сребреница и Газа.

„Знаете дека во Аушвиц нацистите извршија тешки злосторства и геноцид врз Евреите во концентрационите логори. И во Сребреница се случи голема човечка драма и геноцид. Слично на тоа, денес во Газа се случува голем геноцид со безмилосните напади на израелските власти“, рече Куртулмуш.

Потсетувајќи дека геноцидот во Сребреница се случи и пред очите на светот и Обединетите нации, Куртулмуш рече дека дури и сега во Газа за четири недели се убиени повеќе од 9.000 луѓе, меѓу кои повеќе од 4.000 деца.

„Драги пријатели, не се сомневајте, начинот на кој имињата на варварите кои ги извршија страшните злосторства во Аушвиц и Сребреница беа заборавени и избришани од историјата, така наскоро никој нема да се сеќава на имињата на оние кои извршиле злосторства во Газа. Како човештво, ние сме на голем тест. Оттука, во име на хуманоста, го креваме нашиот глас за крај на конфликтот и испорака на хуманитарна помош“, рече Куртулмуш.

Неопходност од реформи во ОН

Куртулмуш понатаму рече дека повикот за прекин на огнот и доставување помош за Газа е задача на целото човештво.

Тој рече дека на светот итно му е потребна изградба на поправеден меѓународен систем и реформа на неефикасната структура на Обединетите нации со цел да се одземе судбината на нациите од рацете на петте привилегирани сили во Советот за безбедност. Тоа е неопходно за да организацијата се направи ефикасна во извршувањето на своите задачи, вклучително и запирање на војните и зачувување на мирот во светот.

AA
Популарни