Шефот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA), Филип Лазарини, го истакна недостатокот на средства, велејќи дека Агенцијата има средства до крајот на август.
Лазарини на прес-конференција во Женева рече дека мислел на редовниот буџет, кој е „'рбетот“ на организацијата која има 30.000 вработени.
„Имаме готовина до крајот на август и во суштина сѐ уште имаме недостиг од околу 100 до 140 милиони долари за да стигнеме до крајот на годината“, рече Лазарини.
Зборувајќи за финансирањето на итните апели, Лазарини рече дека на окупираната палестинска територија се финансираат со 15 до 18 отсто, додека во Сирија се финансираат со околу 15 отсто.
„Тоа е недоволно, што нѐ спречува, на пример, да дистрибуираме пари или храна во Сирија и Либан и во Газа“, рече Лазарини.
Шефот на УНРВА го гледа следниот донаторски настан во Њујорк на 12 јули како можност за добивање нови придонеси.
„Агенцијата е пропорционално помалку финансирана во својот редовен буџет отколку во овој период минатата година“, рече Лазарини.