Лиз Трас е избрана за лидер на британската владеjачка Конзервативна партија и автоматски ќе биде новата премиерка на Велика Британија. Во трката за лидерското и премиерското место Трас освои повеќе гласови од нејзиниот противкандидат Риши Сунак.
Лиз Трас доби 57,4 проценти од гласовите, односно ја имаше поддршка од 81.326 нејзини сопартијци, додека за Сунак гласаа 60.399 односно 42,6 проценти од сопартијците.
Фокус на енергетиката
Во изјавата по изборот Трас пред членовите на Конзервативната партија истакна дека меѓу другото ќе се фокусира на прашањата поврзани со енергетиката.
„Ќе испорачам храбар план за намалување на даноците и развој на нашата економија. За енергетската криза и за долгорочно решение по прашањето на снабдувањето со електрична енергија и ќе донесеме голема победа за Конзервативната партија во 2024 година”, рече Трас.
Трета жена на позицијата премиер
Таа ќе биде 56-тиот премиер на Велика Британија и трета жена на таа позиција по Маргарет Тачер и Тереза Меј.
Гласањето за нов британски премиер и лидер на Конзервативната партија се реализираше во пет изборни кругови. До изборот дојде по оставката на Борис Џонсон од двете позиции, претседател на Конзервативната партија и британски премиер. Лиз Трас во владата на Борис Џонсон беше на позицијата министер за надворешни работи.
Прием кај Кралицата Елизабета
Кралицата Елизабета Втора ќе ја прими Трас во замокот Балморал во Шкотска каде се наоѓа на летен одмор. Потоа Трас ќе одржи говор на Даунинг стрит 10.
Доскорешниот премиер Борис Џонсон пак веќе одржа говор на Даунинг стрит 10, а потоа отпатува на средба со кралицата.
Ова е 15-тиот премиер на Велика Британија во периодот на владеењето на Елизабета Втора. Најчесто аудиенцијата на кралицата со новиот британски премиер се одржуваше во Бакингемската палата.