Ториевците му ставија крај на британскиот премиер Борис Џонсон. Откако ја изгуби довербата во Конзервативната партија, Џонсон потврди дека ќе се повлече од лидерската позиција.
Функцијата премиер на Велика Британија ќе ја врши најверојатно до октомври, се додека не биде избран нов лидер на Конзервативната партија, кој ќе може да ја води Владата или пак ќе послужи како транзициски лидер до одржување на следните парламентарни избори.
Џонсон не успеа да го издржи притисокот од сопартијците, кој кулминираше со оставки на над 50 членови на Кабинетот и Парламентот, односно ја изгуби поддршката како во извршната, така и во законодавната власт.
За одлуката веќе ја известил кралицата Елизабета Втора, а ќе и се обрати и на нацијата.
Притисокот врз Џонсон растеше и со оставките на неколку клучни министри во Владата, меѓу кои Руши Сунак, Саџид Џавид, Мишел Донелан, Надим Захави, додека Сајмон Харт и Брендон Луис министрите со најдолг стаж лично му кажале на премиерот дека повеќе немаат доверба во неговото лидерство.
Според британските медиуми, главна причина за отстранувањето на Џонсон од „Даунинг стрит 10“ е последниот скандал во низа со назначувањето на Крис Пинчер, осомничен за сексуално недолично однесување што ја „прелило чашата“.
Пинчер беше назначен за заменик пратенички координатор или популарно наречено „партиски камшик“, но на 30 јуни годинава си поднесе оставка во Парламентот поради недоличното однесување.
За Ториевците најголем проблем е што Џонсон претходно знаел за „епизодите“ на Пинчер но, и покрај тоа му ја доверил задачата да биде еден од предводниците на нивната пратеничка група.
Во април, Џонсон стана првиот премиер на функција кој бил казнет, откако беше откриено дека го прекршил законот, за што доби парична казна полицијата за присуство на нелегален собир во „Даунинг стрит“ за време на карантините во екот на пандемијата со корона-вирусот.