Португалскиот премиер Антонио Коста денеска попладне објави дека ќе поднесе оставка поради обвинувањата за корупција.
„Достоинството на кабинетот на премиерот не е компатибилно со никакво сомневање за неговиот интегритет“, рече тој во телевизискиот говор.
Според Коста, португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуса ја прифатил неговата оставка и сега ќе треба да одлучи кога ќе го распушти парламентот.
Претходно во вторникот, полицијата изврши рација на десетици локации како дел од далекусежна истрага за корупција, вклучително и кабинетот на премиерот и владините министерства.
Соработници од најблиското опкружување на Коста, наводно, биле приведени, а од Канцеларијата на јавниот обвинител исто така потврдија дека премиерот е осомничен.
Тврдејќи дека заминува со чиста совест и дека е „изненаден“ од информациите, Коста рече дека е подготвен да соработува со правдата.
Во соопштението на јавниот обвинител се вели дека рациите се поврзани со истрага за потенцијални злоупотреби, корупција и влијанија врзани за отстапки за литиум, водород и центри за податоци.
Во соопштението од кабинетот на претседателот на државата се вели дека тој ќе одржи консултации денеска и утре и ќе и се обрати на земјата кога ќе завршат.
Коста е премиер на Португалија од 2015 година. Во 2022 година, Коста и неговата Социјалистичка партија освоија изненадувачко мнозинство.