Само 31 отсто од Израелците сметаат дека актуелниот премиер Нетанјаху е подобен за неговата позиција / Photo: AA

Во период на интензивирани напади на израелската војска врз опколениот Појас Газа, популарноста на премиерот Бенјамин Нетанјаху продолжува да опаѓа, а последното истражување на јавното мислење во земјата покажува дека повеќе од половина од Израелците сакаат поранешниот министер за одбрана Бени Ганц да стане премиер.

Според анкетата објавена денес во израелскиот весник „Марив“, само 31 отсто од Израелците сметаат дека актуелниот премиер Нетанјаху е „подобен за неговата позиција“.

Весникот објави дека анкетата е спроведена од Институтот „Лазар“ со случаен примерок од 510 Израелци (испитаници), со проценета стапка на грешка од 4,3 отсто.

Резултатите од анкетата покажаа дека 51 отсто од анкетираните сметаат дека „Ганц, лидерот на Партијата за национално единство, е подобен за позицијата премиер“, додека 18 отсто од анкетираните се изјасниле дека „немаат конкретно мислење“ по тоа прашање.

Анкетата покажа и „пад на популарноста“ на партијата Ликуд предводена од Нетанјаху.

Според резултатите, доколку изборите се одржат денеска, Ликуд и неговите коалициски партии, Шас, Обединета Тора јудаизам, Оцма Јехудит и Религиозен ционист, би освоиле 43 места, наспроти 64-те места што оваа коалиција моментално ги има во Парламентот (Кнесетот), освоени со изборите во 2022 година.

Резултатите укажуваат дека партијата Ликуд би добила само 17 места во 120-члениот Кнесет, додека Партијата за национално единство предводена од Ганц би добила 39 места доколку се одржат општи избори.

Со оглед на конфликтот во Појасот Газа кој трае повеќе од два месеца, не постои можност во скоро време да се одржат избори во Израел.

Вчера, Ганц на прес-конференција во Тел Авив го обвини Нетанјаху и неговата коалиција во Кнесетот за предизвикување внатрешни поделби за време на војна.

Ганц го критикуваше Нетанјаху и неговата коалиција за инсистирањето на продолжување на војната без да ја осигури способноста на Армијата да ја спроведе својата мисија.

Тој го критикуваше Нетанјаху и за игнорирање на некои од приговорите на Вашингтон за континуираното бомбардирање на Газа.

Нетанјаху во моментов е на удар во Израел поради неуспехот на неговата Влада да ги предвиди нападите на движењето Хамас на 7 октомври, како и за неговото справување со кризата со израелските заложници.

Израел го бомбардира Појасот Газа од воздух и од копно, воведе опсада и изврши копнена офанзива како одмазда за прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.

Досега во израелските напади врз Газа загинати се најмалку 18.787 Палестинци, а 50.897 се повредени, според податоците на здравствените власти на Газа.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, а 135 заложници сè уште се држат од палестинските групи во Газа.

AA
Популарни