Поранешниот британски министер за финансии Риши Сунак, е уште еден чекор поблиску до тоа да стане нов лидер на британската Конзервативна патија и премиер на Велика Британија. Ако тоа се случи, Сунак ќе биде првиот Британец со индиско потекло кој би се нашол на премиерската позиција.
Изборот на претседател на Конзервативната партија и нов премиер на Велика Британија следува по оставката на Борис Џонсон. Во процесот на избор учествуваат 358 пратеници. Во првиот круг учествуваа осум кандидати. Секој кандидат мораше да биде номиниран од најмалку 20 пратеници, а за да помине во следниот круг треба да има поддршка од минимум 30 пратеници. Изборните кругови се одржуваат се додека не останат двајца кандидати. Последното гласање ќе се одржи на петти септември.
Освен Сунак во борба за претседателското место во партијата и за премиерското место учествуваа министерката за меѓународна трговија Пени Мордонт, шефот на Комитетот за надворешни работи Том Тугендат, министерката за надворешни работи Лиз Трас, државната обвинителка Суела Браверман, поранешниот министер за здравство Џереми Хант, екс министерот за еднакви права Кеми Баденох.
Сунак и Трас во финалната трка
Риши Сунак освои најмногу гласови во досега одржаните гласања. Во првиот круг доби 88, Мордонт доби 67, Трас 50, Баденох 40, Тугендат 37 и Браверман 32. Во вториот круг поддршката за Сунак се зголеми на 101 глас, додека Мордонт доби 83, Трас 64, Баденох 49 и Тугендат 32.Во третиот и четвртиот круг поддршката за Сунак порасна на 115 односно 118 гласови. Во петтиот круг најмногу гласови дообија Риши Сунак и Лиз Трас. Тие ќе се натпреваруваат во последната рунда за нов лидер на Конзервативната партија и премиер на Велика Британија. 160.000 членови на партијата ќе гласаат за еден од нив.
Од каде потекнува Сунак?
Предците на Сунак биле индиски имигранти кои патувале од Индија до Англија и од Англија до Африка. Неговиот татко Јашвир Сунак е роден во Кенија, додека неговата мајка Уша Сунак е родена во Танзанија.
Фармацевтката Уша и општиот лекар Јашвир, кои емигрирале во Англија од Африка во 1960-тите, се запознале во оваа земја и се венчале. Риши Сунак, најстариот од трите деца на семејството Сунак, е роден на 12 мај 1980 година во Саутемптон, Англија.
Сунак ја започна политичката кариера во 2015 година, откако беше избран за член на Конзервативната партија во Ричмонд во Лондон. Претходно работеше во банкарскиот сектор.
Во 2020 година Сунак беше избран за министер за финансии каде остана до оваа година. Идејата дека политичар од индиско потекло може да стане премиер на Велика Британија се интензивира по резултатите од четирите кругови во гласањето и доминацијата на Сунак. Покрај тоа што е еден од најпознатите и најмлади членови на партијата, доколку Сунак победи на изборите тој ќе биде и првиот премиер на Велика Британија кој не е од белата раса. Новиот британски премиер ќе биде познат на петти септември.