Живеењето во близина на аеродроми, каде што има силна бучава од авиони, може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања, вклучително и срцеви удари, според новото истражување спроведено од истражувачите на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Како дел од истражувањето беа анализирани детални податоци од снимки на срце на 3.635 лица што живеат во близина на четири големи аеродроми во Англија и беа споредени со анализи на луѓе во области со пониски нивоа на бучава од авиони.
Истражувачите открија дека ризикот е особено поголем за оние што се изложени на поголема бучава од авион во текот на ноќта, најверојатно поради фактори, како што се нарушено спиење и зголемено време поминато дома, што доведува до поголема изложеност на бучава.
Истражувачите откриле дека срцевите абнормалности кај луѓето што се изложени на бучава од авион може да го зголемат ризикот од срцеви удари, аритмии или мозочен удар од двапати до четирипати.
„Нашето истражување е опсервациско, така што не може со сигурност да кажеме дека високите нивоа на бучава од авион ги предизвикале овие разлики во структурата и функцијата на срцето“, рече кардиологот Габи Каптур.
„Сепак, нашите наоди откриваат сѐ поголем број докази дека бучавата од авион може негативно да влијае врз здравјето на срцето и генерално врз нашето здравје“, додаде таа.