Макрон го повика Израел итно да ги прекине нападите врз Рафа / Фото: Reuters

Францускиот претседател Емануел Макрон го изрази својот „гнев“ поради израелските напади врз Рафа.

„Огорчен од израелските напади во кои загинаа многу раселени лица во Рафа“, напиша Макрон на платформата X.

„Овие операции мора да престанат. Во Рафа нема безбедни области за палестинските цивили. Повикувам на целосно почитување на меѓународното право и итен прекин на огнот“, додаде тој.

Најмалку 35 лица загинаа, а десетици се повредени кога Израел во неделата нападна камп за раселени лица и куќи во јужниот град Рафа во Газа, соопштија медицински извори и официјални лица.

Нападот се случи во близина на логистичката база на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) во Тал ал Султан, соопшти Канцеларијата за медиуми во Газа.

Нападот доаѓа и покрај пресудата на Меѓународниот суд на правдата која му нареди на Израел да ја запре својата офанзива во Рафа, каде над милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да биде нападната на 6 мај.

Франција отворено изразува цврста поддршка за Израел од почетокот на конфликтот.

AA
Популарни