Макрон и Ал Сиси разговараа за дводржавното решение за конфликтот во Газа / Фото: AA Archive

Францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговараше со неговиот египетски колега Абдулфатах ал Сиси при што стана збор и за дводржавното решение за израелско-палестинскиот конфликт, пренесува Анадолу.

Двајцата лидери го осудија присилното раселување на Палестинците од Газа и Западниот Брег, нарекувајќи го „неприфатливо“ и „сериозно кршење на меѓународното право“, се вели во соопштението на Елисејската палата.

Планот на американскиот претседател Доналд Трамп да ги пресели жителите на Газа во Египет и Јордан и да го „преземе“ Појасот Газа наиде на широка осуда од арапскиот и останатиот свет.

Макрон и Ал Сиси предупредија дека таквите активности ќе го поткопаат дводржавното решение и ќе претставуваат значителен дестабилизирачки фактор за Египет и Јордан.

Тие ја повторија својата одлучност да работат за траен прекин на огнот и кредибилно решение за Газа и нагласија дека политичкото решение засновано на моделот на две држави останува единствениот начин за исполнување на „легитимните аспирации“ и на Израелците и на Палестинците.

Макрон и Ал Сиси разговараа и за билатералната соработка, при што Макрон ја потврди целосната поддршка на Франција за стабилноста на Египет. Тие се согласија да останат во близок контакт за овие прашања.

AA
Популарни