Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска предложи постоечката меѓународна коалиција, која се бори против Исламската држава во Ирак и Сирија, да се прошири и на борбата против Хамас во Газа.
Макрон ова им го кажа на новинарите на кои им се обрати заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Кудс (Ерусалим), пренесе Ројтерс.
Францускиот претседател порача дека меѓународната заедница мора да избегне ескалација на конфликти во регионот.
Тој посебно ги повика Хезболах и Иран да се однесуваат одговорно.
„Мораме да водиме битка додека избегнуваме да го запалиме пожарот во целиот регион. Ги предупредувам Хезболах, иранскиот режим, Хутите во Јемен и сите други групи во регионот кои му се закануваат на Израел, да не преземаат несовесен ризик да отворат нови фронтови“, додаде Макрон.
Тој истакна дека дури и жестоките борби имаат правила и додаде: „Ние сме демократии кои ги почитуваат законите на војната, гарантираат хуманитарен пристап и не ги таргетираат цивилите ниту во Газа, ниту на кое било друго место“
„Првата цел што треба да ја имаме денес е ослободување на сите заложници без никаква разлика, бидејќи е страшно злосторство да се поигрува со животите на децата, возрасните, постарите, цивилите и војниците,“ изјави Макрон.
По средбата со семејствата на француските жртви на аеродромот во Тел Авив, Макрон му рекол на израелскиот претседател Исак Херцог во Ерусалим дека Франција стои „рамо до рамо“ со Израел.
„Сакам да бидете сигурни дека не сте сами во војната против тероризмот“, рече Макрон.
„Тоа што се случи никогаш нема да се заборави. Тука сум да ја изразам нашата солидарност“, рече Макрон, мислејќи на нападот на Хамас врз Израел во кој милитантната група уби повеќе од 1.400 луѓе.
Макрон укажа и на политичкиот аспект на конфликтот.
„Безбедноста на Израел не може да биде одржлива без решително повторно започнување на политичкиот процес со Палестинците. Стабилноста во регионот...може да се гарантира... со тоа што Израел ќе го прифати легитимното право на Палестинците да имаат територија и држава во мир и безбедност покрај Израел, бидејќи ќе ги интегрира, како примарен услов, израелското постоење и безбедност “, објасни Макрон.