Боингот 777 со 239 луѓе исчезна од радарите на 8 март 2014 година додека беше на пат од Куала Лумпур кон Пекинг / Photo: AFP

Малезија објави дека се согласила да започне нова потрага по авионот на летот MХ370 на Малезија ерлајнс, кој исчезна пред 10 години во една од најголемите трајни мистерии на авијацијата.

Боингот 777 со 239 луѓе исчезна од радарите на 8 март 2014 година додека беше на пат од Куала Лумпур кон Пекинг.

И покрај најголемата потрага во историјата на авијацијата, авионот никогаш не е пронајден.

Министерот за транспорт, Ентони Лок, во петокот изјави дека Малезија се согласила на нова операција за пребарување на фирмата за поморско истражување Оушн Инфинити (Ocean Infinity), која исто така изврши неуспешна потрага во 2018 година.

Првите напори на компанијата следеа по масовната потрага по авионот предводена од Австралија, која траеше три години пред да биде суспендирана во јануари 2017 година.

Лок рече дека досега непроверена површина од 15.000 квадратни километри на јужниот дел на Индискиот Океан ќе биде пребарана од Оушн Инфинити, која е со седиште во Обединетото Кралство и САД.

„Новата област за пребарување предложена од Оушн Инфинити се заснова на најновите информации и анализа на податоци спроведени од експерти и истражувачи“, рече Лок.

„Предлогот за операција за пребарување на Оушн Инфинити е солиден и заслужува да биде разгледан“, им рече тој на новинарите.

Владата рече дека принципиелно го прифатила предлогот на Оушн Инфинити на 13 декември, при што се очекува Министерството за транспорт да ги финализира условите до почетокот на 2025 година.

Новата потрага ќе продолжи „штом договорот ќе биде финализиран и потпишан од двете страни“, рече Локе.

„Тие не информираа дека идеалното време за пребарување во одредените води е помеѓу јануари и април. Работиме на финализирање на договорот што е можно побрзо“, додаде тој.

Нема гаранции

Новото пребарување ќе биде на истиот принцип „не се најде, нема награда“ како и претходната потрага на Оушн Инфинити, при што владата ќе исплати само ако го најде авионот.

Договорот е на 18 месеци и Малезија ќе плати 70 милиони долари на компанијата доколку се најде авионот, рече Локе.

Тој рече дека одлуката да се согласи на нова потрага „ја одразува посветеноста на малезиската влада да продолжи со операцијата за пребарување и да ја прекине неизвесноста за семејствата на жртвите од MХ370“.

Оригиналната потрага предводена од Австралија опфати 120.000 квадратни километри во Индискиот Океан, но речиси и да не најде никаква трага од авионот, само со некои делови од отпадоци.

Исчезнувањето на авионот долго време беше предмет на теории - кои се движат од веродостојни до чудни - вклучително и дека пилотот ветеран Захарие Ахмад Шах самиот намерно ја предизвикал несреќата.

Конечниот извештај за трагедијата објавен во 2018 година укажа на дефекти на контролата на летање и рече дека курсот на авионот бил рачно променет.

Запрашан дали е уверен дека авионот ќе биде пронајден за време на новата потрага, Лок рече: „Во овој момент, никој не може да даде гаранции.

„Поминаа повеќе од 10 години и би било неправедно да се очекува конкретна посветеност. Меѓутоа, според условите, секое откритие мора да биде веродостојно. Тоа не може да биде само неколку фрагменти; има конкретни критериуми наведени во договорот. "

TRT World
Популарни