Воената хунта во Мјанмар денес ослободи 3.113 затвореници, меѓу кои најмалку 98 странци.
Најновата амнестија на затвореници се случи по повод традиционалната Нова година во оваа југоисточна азиска земја.
Хунтата ја нарече амнестијата на затворениците како чекор што има цел да ѝ „донесе душевен мир“ на нацијата и дека потегот е реализиран имајќи ги предвид хуманитарните аспекти.
Ова за интернет сајтот „Мјанмар сега“ го потврди секретарот на Воениот совет на Мјанмар, генерал-полковник Аунг Лин Две.
Тој не откри повеќе детали за амнестијата и не потврди дали меѓу ослободените има политички затвореници.
Според податоците на Здружението за помош на политичките затвореници во Мјанмар, најмалку 17.460 луѓе остануваат во затворите на хунтата, а најмалку 3.240 се убиени од режимските сили во периодот по пучот.
Мјанмарската војска, локално позната како Татмадау, изврши државен удар во февруари 2021 година и ја собори Владата на Националната лига за демократија (НЛД) и воспостави режим на хунта.