Египет ги предупреди сите страни на можна ескалација ако преговорите не резултираат со договор за примирје / Photo: AA

Во четвртокот во Египет продолжија разговорите за постигнување договор за прекин на огнот и размена на заложници меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, јавуваат египетските медиуми.

Државниот канал Ал-Кахера њуз, цитирајќи висок египетски извор, рече дека Каиро ги интензивира напорите да се постигне нацрт прифатен од двете страни.

„Египет ги предупреди сите страни на можна ескалација ако преговорите не резултираат со договор за примирје“, рече изворот.

Хамас во понеделникот вечерта соопшти дека го прифатил предлогот за прекин на огнот во Газа, изготвен од Египет и Катар.

Но Израел рече дека понудата за примирје што ја прифати Хамас не ги исполни нејзините клучни барања и одлучи да продолжи со операцијата во Рафах со цел да изврши, како што рече, „воен притисок врз Хамас со цел да се постигне напредок во ослободувањето на заложниците и другите воени цели“.

Израел го нападна Појасот Газа како одмазда за нападот на Хамас на 7. октомври во кој загинаа околу 1.200 луѓе. Оттогаш во Газа се убиени повеќе од 34.900 Палестинци, од кои огромно мнозинство се жени и деца, а 78.500 други се повредени, според палестинските здравствени власти.

Во текот на седум месеци од израелската војна, огромни делови од Газа лежеа во урнатини, туркајќи 85% од населението на енклавата во внатрешно раселување во услови на осакатувачка блокада на храна, чиста вода и лекови, според ОН.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Во привремената пресуда во јануари се вели дека е „веродостојно“ дека Израел врши геноцид во Газа и му нареди на Тел Авив да ги запре таквите дејствија и да преземе мерки за да гарантира дека е обезбедена хуманитарна помош за цивилите во Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес разговарал со директорот на ЦИА, Вилијам Брнс, за израелската офанзива во Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа, јавија израелските медиуми.

Двете страни ја истражувале можноста Израел да го запре својот напад во Рафах во замена за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас, објави Харец, цитирајќи израелски официјален претставник.

На состанокот, одржан во кабинетот на Нетанјаху во Западен Ерусалим, присуствувал и шефот на израелски Мосад, Дејвид Барнеа.

AA
Популарни