Греењето во јавните објекти во Периер ќе биде до 19 степени     Фото: АА

Францускиот град Периер во Нормандија ќе им подели зимски јакни на учениците бидејќи оваа година училиштата како и останатите јавни објекти нема да се загреваат над 19 степени целзиусови.

Според градоначалникот на Периер, Габриел Даубе одлуката за загревање само до 19 степени е дел од мерките за заштеда на енергија.

„Ова е надополнување на цела низа мерки за намалување на сметките за енергија на општината”, изјави Даубе за локалните медиуми.

Како што истакна тој, цената на јакните изнесува околу 6.000 евра за 350 ученици. Според него, инвестицијата ќе се исплати бидејќи со неа ќе се заштедат 10 отсто од трошоците за енергија односно околу 20.000 евра.

Како дел од мерките за штедење во Периер јавното осветлување ќе биде исклучено во 23 часот. Франција како и остатокот од Европа се соочува со енергетска криза и високи цени на струјата, гасот и горивото по почетокот на војната во Украина.

Поголемиот дел од домаќинствата, компаниите и општинските власти во Франција се приклучија на мерките за енергетска трезвеност. Тие одлучија да ги исклучат светлата во продавниците и јавните објекти околу полноќ и да го намалат греењето во затворените простории.

TRT Balkan / агенции
Популарни