Само во Италија се замрзнуваат 129 банкарски сметки и се запленети 192 имоти, заедно со 44 луксузни автомобили и чамци / Photo: European Public Prosecutors Office

Обвинителите во Палермо, Милано и Европското јавно обвинителство (ЕППО) открија криминална организација составена од неколку мафијашки групи, вклучително и Камора, која преку свои фирми избегнала да плати стотици милиони евра данок на додадена вредност.

Полициските операции се спроведуваат како дел од истрагата на Европското обвинителство во Италија, Шпанија, Луксембург, Чешка, Словачка, Хрватска, Бугарија, Кипар, Холандија, како и во земји надвор од ЕУ, вклучително и Швајцарија и Обединетите Арапски Емирати

ЕППО прецизира дека во акцијата наречена Моби Дик се испитуваат вкупно 195 лица и повеќе од 400 компании, а истражниот судија во Милано им одредил притвор на 43 осомничени.

Исто така, во тек е и замрзнување на неправилно стекната имотна корист од над 520 милиони евра за да се надомести штетата на ЕУ и националните буџети. ЕППО посочува дека само во Италија се замрзнуваат 129 банкарски сметки и се запленети 192 имоти, заедно со 44 луксузни автомобили и чамци.

Запленети се и имоти, вклучително и одморалиштата во Чефалу, во близина на Палермо, проценети на повеќе од 10 милиони евра.

Според истражни извори биле фалсификувани фактури во износ од 1,3 милијарди евра.

Истрагата откри дека осомничените поврзани со неколку мафијашки кланови, како Камора и Коза Ностра, инвестирале во криминална организација која воспоставила високопрофитабилна шема за затајување данок.

„Моби Дик е клучна истрага за EППО. Помина долго време откако почнавме да алармираме за вмешаност на опасните организирани криминални групи во измами со буџетот на ЕУ. Покрај огромната штета што ја предизвикуваат, предупредивме и на заканата за нашата внатрешна безбедност од нивната активност на тоа поле. Сега го расветливме првиот ваков голем случај“, рече главната европска обвинителка, Лаура Ковеси.

ЕППО наведува дека степенот на сложеност и ефикасност на осомничената криминална организација која спроведува измама со ДДВ е без преседан.

Според сомнежите на обвинителството, групата во периодот од 2020 до 2023 година издавала фактури за продажба на електронска стока во вредност од над 1,3 милијарди евра, а се чини дека се користеле и мафијашки методи за решавање на конфликти во криминалната организација.

Циркуларната измама со ДДВ ги искористува правилата на ЕУ за прекугранични трансакции меѓу земјите-членки, бидејќи тие се ослободени од данок на додадена вредност.

Осомничените основале компании во Италија и други членки на ЕУ, како и во земји кои не се членки на ЕУ, со цел да тргуваат со стоки користејќи ја т.н. метода „трговецот што исчезнува“.

Оваа измама функционира на тој начин што компанијата што ја нарачува стоката згаснува пред да го плати данокот, по што друга компанија неоправдано бара да му се исплати поврат на ДДВ во измамнички креираниот синџир на купопродажба.

TRT Balkan / агенции
Популарни