Откако иранскиот претседател Ибрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан вчера загинаа во хеликоптерска несреќа, првиот потпретседател на Иран Мохамад Мокбер според Уставот ќе ја преземе функцијата претседател на земјата во наредните 50 дена.
Десетици спасувачки тимови за итни случаи беа испратени во планинската област во северозападната иранска провинција Источен Азербејџан, каде што се случи несреќата вчера попладне.
Во следните 50 дена, советот составен од првиот потпретседател, претседателот на парламентот и првиот човек на судството мора да обезбеди одржување на нови избори.
Тоа е предвидено во членот 131 од Уставот на Иран во случај на смрт или болест на актуелниот претседател.
„Во случај на смрт на претседателот, смена, оставка, отсуство или болест повеќе од два месеци, или во случај кога мандатот на претседателот е истечен и се уште не е избран нов претседател поради мешање, првиот потпретседател ги презема сите овластувања и одговорности со согласност на раководството, а советот кој го сочинуваат претседателот на Собранието, првиот човек на судството и првиот потпретседател е должен да обезбеди одржување на предвремени претседателски избори во најкус можен рок, во рок од 50 дена“, се наведува во овој член.
Раиси беше избран за претседател на Иран во 2021 година, откако извојува убедлива победа, собра 17,9 милиони гласови од 28,9 милиони гласачи.