Путин пред потишувањето рече дека договорот ќе даде дополнителен поттик во сите области на соработка / Photo: Reuters

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот во Москва потпиша договор за сеопфатно стратешко партнерство со неговиот ирански колега Масуд Пезекшијан, кој вклучува поблиска одбранбена соработка што веројатно ќе предизвика загриженост на Западот.

Пезешкијан, кој е во посета на Кремљ за прв пат откако стана претседател во јули минатата година, на состанокот пред потпишувањето рече дека смета оти двајцата лидери ќе можат да го финализираат договорот за изградба на нуклеарна централа во Иран со помош на Русија.

Путин пред потишувањето рече дека договорот ќе даде дополнителен поттик во сите области на соработка.

Рускиот претседател нагласи дека Москва и Техеран продолжуваат да развиваат заеднички проекти, вклучително и нуклеарна енергија.

„Има добри изгледи за соработка во логистиката. Покрај тоа, потребни се консултации меѓу двете земји за меѓународната агенда и во светот и во регионот“, рече рускиот лидер.

Тој побара од Пезешкијан да ги пренесе своите поздрави до иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи.

„Ве молиме, пренесете ги моите најдобри желби до иранскиот врховен лидер, г-дин Хамнеи. Знаеме дека се што се прави на иранско-руската патека е под негова лична контрола“, нагласи Путин.

Пезешкијан изрази надеж дека договорот за стратешко партнерство со Русија ќе биде „цврста основа за движење напред“.

„Потпишувањето на сеопфатен договор за стратешка соработка меѓу Иран и Русија ќе даде поттик за развојот на билатералните односи“, рече Пезешкијан.

Иранскиот претседател ја нарече Русија „братска и пријателска земја со која е важно да се зајакнат односите“ и оцени дека соработката меѓу Техеран и Москва е „стратешки важна“.

Тој потсети дека Москва и Техеран денеска би можеле да ги финализираат договорите за изградба на нуклеарна централа во Иран.

„Нашите договори за изградба на нуклеарна централа се многу добри вести, мислам дека денеска можеме да ги финализираме договорите во оваа област“, ​​рече Пезешкијан за време на средбата со Путин.

Русија ја изгради првата иранска нуклеарна централа во Бушер, која стана оперативна во 2013 година, а следната година потпиша договор за изградба на два дополнителни нуклеарни реактори.

Средбата меѓу Путин и Пезешкијан се одржува во Кремљ.

Од почетокот на војната во Украина, Москва гради поблиски односи со Иран и други земји непријателски настроени кон САД, како што е Северна Кореја, и веќе има стратешки пактови со Пјонгјанг и блискиот сојузник Белорусија, како и договор за стратешко партнерство со Кина.

Дваесетгодишниот договор меѓу Русија и Иран не се очекува да содржи одредба за заемна одбрана како онаа договорена со Минск и Пјонгјанг, но сепак веројатно ќе го загрижи Западот, кој ги гледа двете земји како малигни влијанија на светската сцена.

Москва и Техеран тврдат дека нивното зближување не е насочено против други земји. Русија широко користеше ирански беспилотни летала за време на војната во Украина, а во септември САД го обвинија Техеран дека испраќа балистички ракети со краток дострел во Русија за употреба против Украина.

Техеран негира дека испратил дронови или проектили.

Кремљ одби да потврди дека примил ирански ракети, но призна дека соработката со Иран ги вклучува „најчувствителните области“.

TRT Balkan / агенции
Популарни