Началникот на армијата на Бангладеш најави преодна Влада / Photo: AA

Началникот на војската на Бангладеш, генералот Вакер-уз-Заман, денес најави преодна Влада откако премиерката Шеик Хасина ја напушти земјата поради насилните протести.

Стотици луѓе загинаа и се ранети за време на протестите во јули, на кои прво се бараше укинување на квотите на владините работни места, а подоцна и оставка на Хасина, која е на власт од 2009 година.

Седумдесет и шестгодишната премиерка Хасина е ќерка на шеик Муџибур Рахман, основачот на Бангладеш.

Во обраќањето до нацијата по средбата со лидерите на политичките партии, Заман повика на мир и рече дека ќе „нема потреба“ од воена состојба доколку се нормализира ситуацијата во јужноазиската земја. Тој вети дека ќе ја испита смртта на демонстрантите.

Се вели дека Хасина побегнала во соседна Индија, која сѐ уште нема дадено никаква изјава.

Претходно студентите ја отфрлија секоја можност за воено преземање на власта. Асиф Махмуд, клучен координатор на тековните демонстрации, во објава на социјалните мрежи рече дека студентите „нема да прифатат воено преземање“.

AA
Популарни