Најмалку 100 луѓе загинаа во областа на бегалскиот камп Џабалија, источно и северно од Појасот Газа, кој денес беше цел на интензивно бомбардирање од страна на израелските воени авиони.
Цивилната одбрана во северниот дел на Појасот Газа објави дека нејзините тимови не можат да стигнат до загинатите и ранетите поради интензивното израелско бомбардирање, пренесува новинската агенција ВАФА.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека окупациските сили сè уште го држат под опсада ургентниот центар во Џабалија, загрозувајќи ја безбедноста на 127 граѓани, вклучително и медицинскиот персонал и 22 ранети лица, додаде ВАФА.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени над 20.000 Палестинци, а ранети се повеќе од 52.600 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Од убиените над 8.000 се деца, а повеќе од 6.200 се жени.
Под урнатините се наоѓаат повеќе од 6.700 Палестинци.
Во заробеништво сѐ уште се 130 Израелци. Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200 лица.