Во денешниот бран руски напади најпогоден е градот Днепар, но има и жртви во Киев, Харков, Одеса и Лавов / Photo: Reuters

Најмалку 16 лица загинаа, а стотина се повредени во најжестоките руски ракетни напади врз Украина во последниве месеци, изјави украинскиот јавен обвинител.

Во денешниот бран руски напади најпогоден е градот Днепар, но има и жртви во Киев, Харков, Одеса и Лавов.

„Утрово непријателот истрела над 150 проектили и борбени беспилотни летала врз мирните украински градови. Потврдено е за 16 загинати и 97 ранети, меѓу кои најмалку две деца на возраст од шест и осум години“, објави на социјалните мрежи главниот обвинител Андриј Костин.

Украинскиот врховен командант Валериј Залужни зборуваше за 122 проектили и крстаречки ракети, како и за 36 дронови. Противвоздушната одбрана успеала да пресретне над 70 отсто од нив.

Нападот се случи во неколку бранови од различни насоки и со употреба на стратешки бомбардери. Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Русија лансирала околу 110 проектили, од кои голем дел биле соборени, но оние кои ја погодиле целта предизвикале големи материјални штети во цивилниот сектор.

Според портпаролот на украинското ПВО, Русија истрела рекорден број проектили за еден ден над Украина.

„Ова е најмасовниот ракетен напад воопшто“, изјави Јуриј Игњат додавајќи дека овој биланс ги исклучува првите денови од војната започната во февруари минатата година во која беа забележани „постојани и непрекинати“ напади.

Тој тврди дека Русија ја нападнала Украина со хиперсонични, крстаречки и балистички ракети.

Игњат додаде дека Русите користеле и големи ракети со долг дострел Кх-22 „Бура“. Овие проектили се дизајнирани да напаѓаат носачи на авиони и флоти на бродови и можат да носат конвенционални и нуклеарни боеви глави.

Игњат додаде дека ракетите Кх-22 „Бура“ тешко се пресретнуваат.

„Никогаш не сме виделе толку многу успешни симултани напади“, рече Ихњат.

TRT Balkan / агенции
Популарни