Обединетите нации вчера предупредија на страшната слика по неделниот израелски воздушен напад врз кампот на раселените Палестинци во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, и додадоа дека во тој напад се убиени најмалку 200 луѓе.
„Според некои медицински извори со кои нашите тимови разговараа, најмалку 200 луѓе се убиени во тој напад, меѓу кои има жени и деца“, изјави Жулиет Тума, директорката за комуникации на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).
Истакнувајќи дека последиците од неделниот напад се огромни, Тума нагласи дека тоа предизвикало дополнителен страв од смрт.
Тума посочи дека повеќе од милион луѓе ја напуштиле Рафа од 6 мај и дека раселувањето сѐ уште трае.
„Само 200 камиони со помош можеа да ја минат границата во последните 3 недели. Ова е, се разбира, капка во море среде хуманитарните потреби на луѓето, бидејќи тие постојано се зголемуваат. Она што на Газа ѝ е потребно се 500 камиони и тоа би требало да биде комбинација на комерцијални и хуманитарни резерви“, додаде Тума.
Владината канцеларија за медиуми во Газа претходно соопшти дека во израелскиот напад врз кампот на раселените Палестинци во Рафа се убиени најмалку 45 лица, а 250 се ранети, главно жени и деца. Бомбардирањето на кампот се случило во близина на логистичката база на УНРВА во Тал ал-Султан.