Три брода со повеќе од 300 мигранти исчезнаа во Атлантскиот Океан, изјави синоќа претставник на хуманитарната организација за мигранти „Вокинг Бордерс“.
Хелена Малено, портпаролка на групата, изјави дека бродовите со мигрантите заминале пред 15 дена од Сенегал кон шпанските Канарски Острови.
Малено рече дека на еден од бродовите имало околу 200 мигранти, на вториот околу 65 и на третиот 60. Бродовите, наводно, тргнале од крајбрежното село Кафунтин во Јужен Сенегал.
Мигрантската маршрута од брегот на Северна Африка до Канарски Острови е интензивна веќе неколку години, особено во лето.
Најмалку 559 мигранти загинале обидувајќи се да стигнат до Канарски Острови во 2022 година, меѓу кои 22 деца, според Меѓународната организација за миграција на Обединетите нации (ИОМ).
Од „Вокинг Бордерс“, пак, објавија дека минатата година на оваа маршрута животот го загубиле 1.784 мигранти.