Најмалку две лица загинаа при уривање на зграда во текот на ноќта викендов во јужна Франција, објавија локалните медиуми.
Жителите на улицата „Тиволи“ во градот Марсеј се разбудиле од ненадејна експлозија веднаш по полноќ од саботата кон неделата и виделе како зградата 17 се урнала, пишува дневниот весник „Фигаро“.
Неколку часа подоцна се урна и соседната зграда 15.
Пожарникарите веднаш реагирале по инцидентот и започнале спасувачки операции.
„Пожар избувна и во урнатините и им го отежна пристапот до можните преживеани“, додава весникот.
Досега се извлечени две тела, а операциите за пребарување и спасување продолжуваат за пронаоѓање на уште шест лица.
Градоначалникот на Општина Марсеј, Беноа Пајан, на прес-конференција истакна дека напорите за евакуација продолжуваат под тешки услови.
„Пожарот сè уште не е целосно изгаснат, тоа е бавна и напорна работа. Доколку има преживеани, мораме да ги заштитиме по секоја цена. Имаме надеж и нема да застанеме“, нагласи Пајан.