НАТО го зголемува воениот буџет за 2,1 милијарди долари за 2023 година / Photo: AA

Северноатланскиот сојуз (НАТО) го утврди воениот буџет за наредна година и тој изнесува околу две милијарди евра што е за околу 25 отсто повеќе отколку за оваа година.

Сојузниците од НАТО вчера се согласија да го зголемат цивилниот и воениот буџет на алијансата за 2023 година, одразувајќи поголеми амбиции за новата безбедносна реалност.

„Цивилниот буџeт е поставен на 370,8 милиони евра (394 милиони долари) а воениот буџет на 1,96 милијарди евра (2,1 милијарди долари), што претставува зголемување од 27,8 отсто, односно 25,8 отсто во однос на 2022 година“, наведено е од НАТО.

Поздравувајќи го овој потег, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека зголемувањето на буџетот е „конкретен израз на повисоко ниво на амбиција“ за постигнување на целта поставена од сојузниците на НАТО на самитот во Мадрид во јуни.

„Мораме да продолжиме да вложуваме повеќе и подобро заедно во НАТО“, рече Столтенберг.

Цивилниот буџет обезбедува средства за персоналот, оперативните трошоци и програмските трошоци на НАТО штабот и неговиот меѓународен персонал. Воениот буџет покрива оперативни трошоци на штабовите, мисиите и операциите на НАТО командните структури ширум светот.

Покрај цивилниот и воениот буџет, горната граница за НАТО безбедносната инвестициска програма (NSIP) за 2023 година поставена е на милијарда евра, што претставува зголемување од 26,6 отсто.

TRT Balkan / агенции
Популарни