Американскиот помошник секретар за енергетски ресурси Џефри Пајат од утре до четврток ќе ги посети Грција и Туркије. Тој ќе има состаноци на високо ниво за регионалните енергетски транзиции и безбедносните приоритети, објави денеска Стејт департментот.
“Во Атина, Пајат ќе се сретне со високи грчки претставници, вклучително и од кабинетот на премиерот, за зајакнување на енергетската соработка меѓу САД и Грција, фокусирајќи се на чистата енергија и регионалното поврзување”, се вели во соопштението.
Во Истанбул, Пaјат ќе се приклучи на Регионалната конференција за чиста и безбедна енергија на Атлантскиот совет заедно со претставници од Туркије, Албанија, Северна Македонија и Романија.
Дискусиите ќе се фокусираат на унапредување на чистата енергија и зајакнување на енергетската отпорност на Украина за зимата.