Специјализираниот комитет на Обединетите нации не успеа да постигне консензус за полноправно членство на Палестина во ОН, изјави претседавачот на Советот за безбедност (СБ) и амбасадор на Малта во ОН, Ванеса Фрeзие.
Фрeзие истакна дека во четвртокот две третини од членовите на Комитетот биле за продолжување на членството на Палестина и дека многу земји тврдат дека „Палестина ги исполнува сите критериуми кои се неопходни“ за да добие статус на полноправна членка држава во ОН.
Фрeзие изјави дека никој експлицитно не се спротивставил на квалификациите за членство на Палестинците во ОН.
Фрeзие рече и дека денеска ќе испрати нацрт-извештај за дискусиите, а доколку комисијата не се согласи со извештајот може да се одржи уште една средба за да се испеглаат сите разлики.
Таа истакна дека секој член на Комитетот, сепак, може да поднесе резолуција за гласање за членството на Палестина во секое време, без оглед на извештајот на Комитетот.
На 8 април, Фрeзиe го проследи барањето на Палестина да стане полноправна членка на ОН до надлежниот Комитет за прием на нови членки.
„Искрено се надеваме дека по 12 години стекнување статус на држава набљудувач, во Советот за безбедност ќе се постигне консензус за решение за две држави со прием на Палестина во полноправно членство во ОН“, рече палестинскиот претставник во ОН, Ријад Мансур.
Палестинските власти официјално побараа на почетокот на април барањето од 2011 година Палестина да стане полноправна членка на ОН повторно да се разгледа во СБ.
За време на седницата, 15-члениот Комитет прво го оценува барањето и утврдува дали земјата кандидат ги исполнува условите за прием во членство во ОН, а потоа донесува одлука - или да го одложи приемот или да го упати на формално гласање во Советот на Министрите.
За прием во членство потребни се најмалку девет гласа во Советот за безбедност на ОН, без вето од САД, Русија, Кина, Франција или Велика Британија.
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, рече дека палестинската држава ќе претставува „закана за националната безбедност на Израел“.
Палестинците имаат статус на држава набљудувач во ОН, како и Ватикан.