Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН во петокот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху покажа две мапи, на кои не се идентификувани Западниот Брег и Појасот Газа, туку целата територија ја прикажува како дел од Израел.
Држејќи ги мапите, Нетанјаху рече дека светот мора да избира помеѓу „благослов“ и „проклетство“.
Првата ги прикажува потенцијалните арапски сојузници на Израел во регионот, додека втората ги прикажува Иран и неговите сојузници. И на двете мапи се избришани Газа и Западниот Брег.
Нетанјаху упати строги предупредувања до Иран, велејќи: „Имам порака до Техеран, ако не удрите, ние ќе ве удриме. Нема место во Иран до кое долгата рака на Израел не може да допре, а тоа важи за целиот Блиски Исток“, додаде тој.
Тој го осуди светот за „предолго смирување на Иран“, тврдејќи дека таквото смирување „мора да заврши сега“.
Нетанјаху ја потврди посветеноста на Израел да продолжи со своите воени операции во Газа, каде од октомври минатата година уби повеќе од 41.000 Палестинци, барајќи од Хамас „да се предаде, да го остави оружјето и да ги ослободи сите заложници“.
Израелскиот лидер инсистираше на тоа дека Хамас не треба да биде вклучен во повоената Газа, нарекувајќи го „незамисливо и смешно“ групата да игра улога во енклавата по војната.
Тој изрази поддршка за секое мирно цивилно владеење во палестинската енклава.
„Подготвени сме да работиме со регионални и други партнери за поддршка на локалната цивилна администрација во Газа.
Нетанјаху, исто така, најави продолжување на воените акции во Либан, каде што неговите сили убиле стотици во опсежни воздушни напади оваа недела, велејќи: „Денес дојдов овде да кажам доста е“. Нема да мируваме додека нашите граѓани не се вратат безбедно во своите домови“.
Тој повтори дека „се додека Хезболах го избира патот на војната, Израел нема избор, а Израел има целосно право да ја отстрани оваа закана и безбедно да ги врати нашите граѓани во нивните домови“.
„Ќе продолжиме да го деградираме Хезболах додека не се исполнат сите наши цели“, додаде тој.
Во својот говор, Нетанјаху го критикуваше и палестинскиот претседател Махмуд Абас, обвинувајќи го дека води „дипломатска војна“ против Израел.
Додека Нетанјаху излегуваше на говорницата, голем број делегати, меѓу кои и тие на Туркије, ја напуштија салата.