Сторе и Сначез констатира дека Норвешка и Шпанија имаат историски важна улога во израелско - палестинскиот конфликт / Photo: AA

Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе денеска објави дека неговата нација е подготвена да ја признае државата Палестина и нејзиното соодветно место во Обединетите нации.

Веста дојде по средбата со неговиот шпански колега Педро Санчез, кој од денеска е на европска турнеја за да убеди повеќе нации да ја признаат независната палестинска држава.

„Прашањето е во кој момент и во кој амбиент да (да се признае Палестина) за да се поддржи процесот кон мир во регионот. Она што овој состанок го покажа јасно е дека остануваме многу тесно координирани меѓу Мадрид и Осло“, рече Сторе на заедничката прес-конференција.

Санчез рече дека Шпанија сака да ја признае Палестина што е можно поскоро, користејќи го овој потег како начин да се добие импулс за дефинитивен мировен процес.

Лидерите ја истакнаа историската важност на Шпанија и Норвешка како посредници. Конференцијата во Мадрид од 1991 година ги започна преговорите кои на крајот доведоа до потпишување на Договорот од Осло во 1993 година.

Сторе прецизираше дека ќе биде активно ангажиран со Шпанија за признавањето на Палестина во наредните недели и дека поддржува демократска Палестина во која Газа и Западниот Брег се управувани од палестинската управа.

Во меѓувреме, Санчез рече дека постои јасен моментум околу признавањето на Палестина поради ситуацијата во Газа, укажувајќи на претстојната дебата во Обединетите нации за полноправна членка.

И Норвешка и Шпанија, исто така, ја осудија хуманитарната ситуација во Газа, повикувајќи на итен прекин на огнот и Израел да дозволи хуманитарна помош да стигне до опколеното население.

„Но, покрај ова, ние треба да постигнеме политичко решение кое еднаш засекогаш ќе донесе мир и правда во регионот и сите се согласуваме дека само решението со две држави ќе стави крај на конфликтот. Време е да се премине од зборови на дела“, додаде Санчез повикувајќи ја меѓународната заедница да дејствува итно и да се свика меѓународна мировна конференција за да помогне да се стави крај на конфликтот.

Санчез денеска ќе отпатува за Ирска и ќе се сретне со новиот ирски премиер Сајмон Харис. Ирска веќе се обврза да ја признае Палестина, но двајцата лидери дополнително ќе разговараат за ова прашање.

Потоа, во понеделник, тој ќе го прими новиот португалски премиер Луис Монтенегро во Мадрид за да се обиде да го убеди да го стори истото.

Турнејата на Санчез потоа ќе го однесе во Словенија и Белгија на повеќе билатерални средби за Палестина.

Претходно овој месец, Санчез отпатува и во Јордан, Саудиска Арабија и Катар за да разговара за ситуацијата во Палестина и Израел.

TRT Balkan / агенции
Популарни