Во 2014 година, Гилберт повеќе од 50 дена им помагаше на Палестинците ранети во израелските напади во Газа / Photo: AA

Норвешкиот лекар Мадс Гилберт, кој со децении лекувал илјадници Палестинци во Појасот Газа, повторно се обидува да влезе во блокираната палестинска енклава за да им помогне на невините луѓе кои се ранети во бруталните израелски напади.

Гилберт од Норвешкиот комитет за помош изјави за Анадолу дека со недели чека во Каиро, главниот град на Египет, за да влезе во блокираниот Појас Газа.

„Постојано се обидуваме да влеземе во Газа. Во моментов никој не може да влезе внатре, преминот е затворен. Израел строго ја контролира границата“, рече 76-годишниот норвешки лекар и додаде:

„Се обидувавме да влеземе секој ден во последните три недели, но безуспешно“.

Тој рече дека претходните денови разговарал со норвешкиот амбасадор и дека направиле се за да го внесат во Појасот Газа.

Како што рече, и покрај сите дипломатски напори на норвешката амбасада, не успеал да влезе во блокираната енклава.

И покрај сите предизвици и проблеми, тој истакна дека никогаш нема да се откаже од обидот да влезе за да им помогне на невините луѓе во Газа.

„Никогаш нема да се откажеме. Никој не може да влезе внатре во моментов, само неколку камиони смеат да влезат во Газа“, нагласи Гилберт на новинарот на Анадолу.

Тој истакна дека е во контакт со своите колеги во Газа и дека тие му го опишале целиот ужас и пекол низ кој минуваат луѓето во опколената палестинска енклава.

Болниците преполни со пациенти

Како што дознава, внатре во болниците без струја е клучната опрема, како што се вентилатори, монитори, пумпи за инфузија и неонатални инкубатори, а болниците се преполни со пациенти на кои им е потребна итна хируршка помош.

Тој додаде дека добил информација дека стотици случаи за кои е потребна итна операција мора да бидат одложени неколку дена поради огромниот број на тешки и сложени пациенти.

Тој предупредува дека здравствениот систем во Појасот Газа стана целосно неупотреблив, неефикасен и пропаднат.

„Ситуацијата е многу лоша, има многу мртви, повредени, многу луѓе се под урнатините, невозможно е да се спасат и умираат. Уништени се цели семејства. Состојбата во болниците е толку лоша што повеќе не можеме да ги примиме ранетите. Ранетите лежат на патиштата и надвор од болницата. Ранетите чекаат долго време за операции. Може да има вистински масакр во болниците ако не добиеме гориво, материјали и медицински персонал. Ситуацијата е надвор од контрола во болниците. Ранетите умираат, а нашите колеги се многу исцрпени. Никој не ни помага. Светот се собра за да не елиминира“, гласи пораката што Гилберт ја доби од колегите во Газа.

Познато е дека Владата на Израел пред неколку години му забрани на норвешкиот лекар да влезе во Газа поради безбедносни причини, но уште тогаш Гилберт решително рече дека ќе продолжи да им помага на Палестинците и покрај намерата на Израел да го спречи во тоа.

Личност на годината во Норвешка

Гилберт, кој ѝ стана познат на светската јавност по своите натчовечки напори да им помогне на ранетите Палестинци во болницата Сифа во Газа во 2014 година, тогаш беше избран за „личност на годината“ во Норвешка, по што рече дека тоа е награда за палестинскиот народ кој страда со децении.

Во 2014 година, Гилберт помина повеќе од 50 дена помагајќи им на Палестинците ранети во израелските напади на Појасот Газа.

За време на конфликтот, норвешкиот лекар остро го критикуваше Израел, велејќи дека дејствијата на земјата може да се наречат „државен тероризам на највисоко ниво“.

Помогна во спасување ранети цивили

Гилберт и претходно бил во Газа за време на израелските напади, каде што помагал во спасувањето на ранетите цивили заедно со палестинскиот медицински персонал.

Тој беше истакната личност во кампањата за помош на палестинските жртви за време на израелската воена операција во Газа во која загинаа илјадници Палестинци.

Норвешкиот лекар и во 2008 и 2012 година помогна во лекувањето на ранетите за време на конфликтот во Газа.

Норвешкиот лекар ѝ стана познат на пошироката светска јавност откако на 31 јули 2014 година под „дожд од гранати“ породи Палестинка која роди четворки.

Недолго потоа, тој испрати протестно писмо и до тогашниот американски претседател Барак Обама, во кое го предупреди светот за страдањата на невините цивили во Газа и го праша претседателот Обама „Има ли срце?“.

Во писмото тој ги „повика“ американската администрација и претседателот Обама, од кого побара да ги запрат израелските напади врз Газа и, како што истакна, да ја смени историјата.

Тој исто така ги повика арапските лидери „да ја прекинат испораката на нафта за Американците додека не се укине опсадата и бомбардирањето на Газа и Палестинците не ги добијат своите права“.

Гилберт претходно беше шеф на Клиниката за итна медицина во болницата Универзитетсјукенхусет Норд-Норег и професор по итна медицина на Универзитетот во Тромс, но во исто време со децении помагаше во лекувањето на пациентите во Газа.

AA
Популарни