Воената хунта на Буркина Фасо го потврди вториот државен удар во изјава емитувана на националната телевизија, со што објави соборување на сега веќе претходниот лидер, кој е на власт од јануари.
Армиски офицер прочита изјава во која се соопштува за соборувањето на транзициониот претседател, полковникот Пол-Анри Дамиба и го претстави капетанот Ибрахим Траоре како негов наследник.
Новата хунта најави и суспензија на Уставот, распуштање на државните институции и затворање на границите до дополнително известување.
„Сите политички активности, сите активности на граѓанското општество се суспендирани, ќе бидат свикани активните сили на нацијата“, велат водачите на државниот удар.
Армијата воведе полициски час низ целата земја од 21 часот до 5 часот по локално време.
Соопштението доаѓа неколку часа по извештаите за пукање околу претседателството и воениот камп во Уагадугу, главниот град на нацијата.
Дамиба ја презеде власта во јануари од Рох Марк Каборе, обвинувајќи го за неуспех да ја ослободи земјата од канџите на тероризмот.
Во текот на вчерашниот ден, граѓаните одржаа демонстрации на кои бараа негово заминување од истите причини што го поттикнаа актуелниот пуч.