Врховниот суд на Њујорк денеска го отфрли барањето на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за одложување на пресудата, закажана за утре, во случајот со исплата на пари на порно актерката Сторми Даниелс во замена за нејзиното молчење за нивната наводна афера.
Трамп поднесе барање за итна интервенција во средата, еден ден откако Апелацискиот суд во Њујорк го одби неговото барање за одложување на изрекувањето на пресудата.
Адвокатите на Трамп рекоа дека одложувањето е неопходно „за да се спречи сериозна неправда и штета врз институцијата на претседателството и функционирањето на федералната влада“.
Судијата Хуан Меркан, кој го води судењето, го одби барањето на Трамп да се одложи изрекувањето на пресудата.
Трамп беше осуден во мај за фалсификување деловни досиеја поврзани со исплати на неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен, кој ѝ платил 130.000 долари на Даниелс, за да ја спречи јавно да зборува за наводната афера пред изборите во 2016 година.
Трамп ја негираше аферата.
Меркан ја потврди пресудата на Трамп минатата недела.
Поротата на Менхетен во мај го прогласи Трамп за виновен по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја за да се прикрие исплатата.
Тоа беше првпат американски претседател, поранешен или сегашен, да биде осуден или обвинет за кривично дело.
За фалсификување деловни книги се предвидува затворска казна до четири години, но затворската казна не е задолжителна.