На највисокиот американски суд почна расправа за случај кој може да ја одреди политичката иднина на Доналд Трамп, но и позицијата на претседателот во САД воопшто. Врховниот суд ја разгледува жалбата на поранешниот американски претседател обвинет за обид да влијае на изборните резултати во претседателската трка во 2020 година.
Трамп во својата жалба се повикува на апсолутниот претседателски имунитет, а судот бара одговор на прашањето дали поранешниот претседател ужива имунитет за службените дејствија што ги презел на крајот на мандатот и, доколку одговорот е да, до кој степен имунитетот го штити.
Специјалниот истражител Џек Смит го обвинува поранешниот претседател за заговор и ширење лажни вести по неговиот пораз на изборите во 2020 година, што кулминираше со напад врз Конгресот на 6 јануари 2021 година во обид да се спречи потврдата за изборната победа на Џо Бајден. Заедно со Доналд Трамп, обвинети се уште шест негови соработници.
Адвокатите на Трамп тврдат дека улогата на претседателот во американскиот политички систем е таква што му обезбедува апсолутен имунитет и дека во спротивно тој не би можел да ги извршува своите претседателски должности.
Понискиот апелационен суд во Вашингтон ги прифати претходните аргументи на Смит дека поранешниот претседател не ужива имунитет што би го ослободил од кривична одговорност и можноста за отслужување на затворска казна до крајот на животот.
Врховниот суд составен од девет судии, кој има конзервативно мнозинство и вклучува тројца судии номинирани од Доналд Трамп, се очекува да донесе одлука до крајот на јуни.
„Ова е голем судски процес, а јас не можам да бидам таму бидејќи судијата не ми дозволува да бидам во судница. А ние зборуваме за најважното - имунитетот на претседателот. Претседателот мора секогаш да има имунитет, бидејќи ако го нема, тој е само церемонијална кукла“, изјави Доналд Трамп.
Ако судиите ја објават одлуката порано и ако таа не оди целосно во корист на поранешниот претседател, тоа би ја зголемило можноста Трамп да оди на суд во Вашингтон за поттикнување бунт пред претседателските избори на 5 ноември.
Во случај одлуката на Врховниот суд да биде во корист на Трамп, тоа автоматски ќе влијае на сите други постапки против него.
Доналд Трамп се кандидира за Белата куќа во 2024 година.
Според последните анкети, во евентуална пресметка Трамп-Бајден, демократот Бајден презема благо водство.