Њујоршки судија во кривичната постапка против Доналд Трамп, поврзана со тајна исплата на пари на порно актерка, денеска го одби барањето на поранешниот американски претседател да се изземе од случајот.
Правните застапници на Трамп се обидоа да го сменат судијата Хуан Меркан, тврдејќи дека работата на неговата ќерка за политичка консултантска фирма со клиенти од Демократската партија претставува конфликт на интереси, објави Гласот на Америка.
Ова е прво судење на американски претседател во историјата, врз основа на обвинение за кривично дело.
Трамп е обвинет за фалсификување деловни документи кога и платил на актерката од филмови за возрасни Сторми Даниелс, преку неговата адвокатка, 130.000 долари за таа да не зборува јавно за нивната наводна афера.
Трамп ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани.
Говорејќи пред новинарите надвор од судницата, Трамп рече дека случајот не наликува на ништо претходно, заклучувајќи дека му е „многу чест што е тука“.
Тој не одговараше на прашањата пред да влезе во судницата.
Пред судницата, чиј влез е ограден со метални огради, има голем број новинари, а има и демонстранти кои носат транспаренти „Никој не е над законот“.
На овој судски процес се очекува поранешниот претседател да се појавива пред њујоршкиот суд, а во исто време да води кампања за претседателските избори во ноември.
Изборот на поротата во Менхетен, каде повеќето жители гласаат за Демократската партија, може да трае неколку дена, по што ќе следуваат воведни изјави од обвинителите и одбраната и изјавите на сведоците.