Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејесус бил на јеменскиот аеродром во Сана кога израелските воздухопловни сили го бомбардирале / Photo: Reuters

Портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш ја осуди ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Јемен.

„Израелските воздушни напади вчера врз меѓународниот аеродром во Сана, врз пристаништата во Црвеното Море и електраните во Јемен се особено алармантни“, изјави портпаролот на прес-конференција.

Тој изрази загриженост за ризикот од натамошна ескалација на конфликтот во регионот.

Израел соопшти дека погодил неколку цели поврзани со движењето Хути поддржано од Иран, вклучително и меѓународниот аеродром во Сана, а медиумите под контрола на Хутите соопштија дека во нападите загинале најмалку шест лица.

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО)Тедрос Аданом Гебрејесус вчера изјави дека бил на јеменскиот аеродром во Сана кога израелските воздухопловни сили извршеле бомбардирање.

„Додека се подготвувавме да се качиме на нашиот лет од Сана, пред приближно два часа, аеродромот беше подложен на воздушно бомбардирање. Еден од членовите на екипажот на нашиот авион беше повреден“, објави на Твитер шефот на СЗО.

Претходно беше потврдено дека најмалку три лица загинале во израелски воздушен напад на меѓународниот аеродром во Сана.

„Кулата за контрола на летање, чекалната за поаѓање - само неколку метри од местото каде што бевме, и пистата се оштетени“, изјави шефот на СЗО, додавајќи дека мисијата морала да почека штетата на аеродромот да се поправи пред да можат да го полетаат.

Шефот на СЗО и неговите колеги беа во Јемен за да преговараат за ослободување на притворениот член од персонал на ОН и да ја проценат здравствената и хуманитарната ситуација во земјата.

TRT Balkan / агенции
Популарни