Специјалната известувачка на ОН за човекови права ги осуди информациите дека студентите од Универзитетот Колумбија во Соединетите Американски Држави, кои организираа демонстрации за поддршка на Палестина, ќе се соочат со „дисциплински мерки“ доколку не ги прекинат протестите.
„Слушам вознемирувачки информации дека на студентите им се заканува суспензија доколку не ги прекинат своите мирни протести на Универзитетот Колумбија во САД“, објави Мери Лавлор на платформа Х доцна синоќа.
Таа додаде дека „ова е јасно кршење на нивното право на мирно собирање“.
Студентите, кои одржуваат демонстрации во различни држави и универзитети низ Соединетите Американски Држави за поддршка на Палестина, бараат нивните универзитети да престанат да го поддржуваат Израел.
Додека студентите се собираат и поставуваат кампови на отворени простори во студентските кампуси, претставниците на универзитетските и локалните власти спроведуваат акции, како што се приведување, суспензии и закани за отпуштање на персоналот.